Тетовската публика ќе има можност да ужива во уште едно дело на големиот Јован Дамјановски – „Сонувалка за животот“.
Драмскиот текст „Сонувалка за животот“ на проф. д-р Јован Дамјановски, оваа сабота (26.09.26), ќе биде промовиран во Музејот на тетовскиот крај (поранешно Дом на АРМ) во Тетово, со почеток во 19:00 часот. „Сонувалка за животот“, ќе биде во издание на Македонско-хрватското друштво – и на македонски и на хрватски јазик.
Го прашавме проф. д-р Дамјановски што го поттикнало да ја создаде „Сонувалка за животот“? „Секое литературно дело е амбициозна авторска задача и во таа смисла и во овој текст се препознава имагинацијата на дамнешните и сегашните времиња како реална стварност која произлегува од внатрешната состојба на духот на обичниот човек, вели тој.
-Читателот треба да препознае што се случувало во минатото, како тренинг за меморијата. Сеќавањата се комбинираат и со малку имагинација што се позајмува и од соништата. Овде, со навраќање во минатото, се погледнува и во иднината, што не претставува враќање наназад туку е и за постојано бележење на современиот начин на живот. Во „Сонувалка за животот“ се навраќам пред своето внатрешно волшебно огледало, за да се запрашам дали некој измислил вага за мерење на емоции и какви се последиците од доживеани стресови на судбината. Во овој драмски текст се насетува непознатото и недопирливото кои зрачат како арсенал на хуманоста и солидарноста како возвишен начин на човекувањето во кој се остваруваат најдлабоки емоции за да се надмине стравот од зајдисонцата и трагични настани – истакнува Дамјановски.
Соработката со Македонско-хрватското друштво, Дамјановски ја опишува како продолжување на мостот на пријателството на македонскиот и хрватскиот народ.
-Издавањето на драмскиот текст „Сонувалка за животот“ како моја соработка со МХД е исто така убав пример за заеднички потфат во културата. Да го споменам објавување на „Бели мугри“ од Коста Рацин во 1939-та година во Самобор, Хрватска, на македонски јазик, но и помошта на Јосип Штросмаер кој обезбедил морална и материјална поддршка за издавање на Зборникот на Константин Миладинов со кирилски букви. Ова е долг на амкедонскиот народ и македонската книженост и за мене е пример за поддршка на првенците на македонската литератра Кочо Рацин и Константин Миладинов – вели Дамјановски.
Дамјановски додава дека основната порака на текстот „Сонувалка за животот“ е дека животот и не е ништо друго освен поединечна авантура и само автентична фреска за уверливо споредување со драматичните тегоби на современието живот. Дамјановски изразува надеж дека текстот наскоро ќе биде поставен и на сцена.
The post Пред внатрешното волшебно огледало на животот: Дамјановски за „Сонувалка за животот“ appeared first on Plus Forte Radio.
