За Оливера Јовановска, одлуката да замине од Тетово и кариерата да ја продолжи во Германија, не била мотивирана од заработката.
Како лекар, таа вели дека и во родниот град би имала пристојни приходи, но се решила да си оди поради другите аспекти што влијаат врз квалитетот на животот.
„На Тетово му недостасуваат најосновни нешта – чист воздух, ред во градот, инфраструктура и парк. Барем еден парк. Генерално, му недостига систем што ќе функционира“, вели таа.
Оливера Јовановска / Фото: Приватна архива
Додека таа се иселила, многу млади денес во Тетово се наоѓаат пред слична дилема соочени со проблемите во градот и можностите што им се на располагање.
Марио Николовски е млад дипломиран економист и овластен сметководител, кој одлучил да остане. Причината за тоа, вели, е близината до семејството и пријателите, но и неговата решеност да ги искористи можностите што му се нудат.
„Верувам дека секој од нас има лична одговорност и моќ да придонесе кон подобрување на општеството во кое живее. Кога работиш посветено и чесно, простор за напредок и тука има – само треба упорност, време и јасна визија што сакаш да постигнеш“.
Миграциите се општа појава, објаснува Неби Јусуфи од Агенцијата за поддршка на претпријатија „ЕСА“ – Тетово и истакнува дека системската поддршка е клучна за задржување на младите дома.
„Треба да бидат вклучени сите чинители и младите да добиваат поддршка во сите фази од започнувањето кариера или свој бизнис. Тоа подразбира, централната и локалната власт да нудат програми за поддршка, универзитетите да произведуваат кадри што се бараат на пазарот на труд, да имаат активен универзитетски бизнис-инкубатор, обуки и менторство за надоградба на младите, а и бизнис-заедницата да се вклучи во целиот процес“, вели Јусуфи.
Но, економските причини не се единствените што ги тераат младите да размислуваат на иселувањето. Покрај системските проблеми меѓу најважните фактори се и образованието, екологијата, културниот живот и младинските простори.
Пред нецела година во Тетово беше основан општинскиот Младински културен центар, чија мисија е културен, едукативен и социјален развој на младите во Тетово.
„Меѓу конкретните активности се организирање културни настани и фестивали, учество во регионални програми како и соработка со средни училишта и универзитети преку меморандуми за соработка што се во завршна фаза. Центарот нуди можности и во однос на претприемништво – преку соработка со невладини организации, поддршка на идеите и иницијативите на учениците, како и соработка со релевантните институции, а активностите и просториите од Центарот се бесплатни за младите“, вели Мухамед Мустафа, директор на Центарот.
Според евиденцијата на Центарот за вработување – Тетово, во Општината, заклучно со 21 септември, регистрирани се 906 невработени млади лица до 29 години без искуство. Оттаму нагласуваат дека има активни мерки преку кои младите луѓе од Тетово можат да добијат можност за практикантство или за самовработување. Професиите од ИТ-секторот, графичките дизајнери, како и занаетчиските занимања се најбараните во последните пет години, според нивните податоци. Дефицитарни се и занимањата во делот на одржувањето како хигиеничари, лифт-мајстори, монтери, а има недостиг и на медицински сестри и лекари со одредени специјализации.
Од Центарот информираат дека за младите евидентирани невработени лица до 29 години се реализира мерката „Практикантство за 2026 година“, додека за младите што за првпат се појавуваат со фирми, во тек е првата фаза од мерката „Самовработување 2026“. Тековно се реализираат и уште две мерки, за „Побарувани занимања“, како и за самовработување со „Кредитирање“ за 2026 година. За сите невработени лица во тек е и мерката „Обука за специјалист за мехатроника на камиони и тешки товарни возила“, како пилот мерка преку провајдери.
Дали оние што веќе се заминати, би размислиле за повторно враќање дома доколку уште повеќе се работи на развој на споменатите можности и генерално подобрување на состојбата? За Јовановска, одговорот е негативен.
„Дека нешто ќе се смени во догледно време или бар додека јас сум помлада, не верувам. Младите едноставно немаат веќе желба и залудно време за губење како генерациите пред нас, така што одговорот би бил ‘не’, само затоа што не верувам дека ќе се случат промени“, истакнува таа.
Николовски, кој е решен да остане во Тетово, е пооптимистичен.
„Најважно е младите да имаат желба да се развиваат, а институциите и приватниот сектор да продолжат да создаваат услови тие можности да бидат уште поголеми. Јас лично верувам дека со работа и упорност може да се постигне многу и во Македонија“, вели тој.
Во Општина Тетово бројот на млади луѓе помеѓу двата пописа е намален за 20 проценти. Додека во 2002 година имало 22.090 лица, две децении подоцна беа регистрирани 17.487 млади на возраст меѓу 15 и 29 години.
Маја Пероска
Оригиналната вест може да ја прочитате на овој линк.
The post Тема на Локал Актив: „Да останам или да заминам?“ – младите од Тетово во дилема меѓу системските проблеми и можностите за развој appeared first on Plus Forte Radio.
